„Курти ја злоупотреби довербата на САД, ќе биде тешко да се поправи“

Поранешниот помошник државен секретар на САД и експерт на невладиниот Атлантски совет, Даниел Фрид, изјави дека САД никогаш не биле толку лути на владата на Косово и дека такво нешто е доста вознемирувачко, јавува Радио Слободна Европа на албански јазик.

– Премиерот Албин Курти и неговиот тим ја земаа американската поддршка здраво за готово. Ја злоупотребија довербата на Америка на начин што тешко ќе го поправат, но подобро да почнат со тоа. Јасно е дека Косово ја игнорира загриженоста на САД и се однесува на начин што ние не го охрабруваме. Никогаш не сум видел американска администрација толку лута на владата на Косово, дури ни за 15 години од независноста. Американската влада ги советуваше косовските власти да не го создаваат овој проблем на север, а тие не игнорираа. А резултатите се токму она за што ги предупредивме – истакна Фрид.

Тој додаде дека не се сомнева во неговите претпоставки и посочи дека во спротивно „не би можел да објасни зошто американскиот амбасадор во Приштина Џефри Ховениер и американскиот пратеник Габриел Ескобар би биле толку изнервирани“.

– Претпоставувам дека имаат свои причини. Се сомневам дека нивните причини се засноваат на тоа што Курти ги игнорирал нивните предупредувања и ја земал поддршката од САД здраво за готово – што беше погрешно и изненадувачко – вели Фрид.

Тој истакна дека Курти успеал да ги наруши односите со САД без никаков интерес што може да го идентификува.

– Мислам дека направи грешка во расудувањето. Тој го дефинира суверенитетот на Косово на тој начин што чувствува дека не може да бара ништо друго освен максимум. И ја влоши лошата ситуација. Кавгата со Американците им штети на интересите на Косово на начин што не го разбирам. Не знам што мислеше тој (Курти) – наведува Фрид.