Курти: Српските воени злосторства во Косово се документираат

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека неговата влада ја исполнува преземената обврска за операционализација на Институтот за документирање на злосторствата извршени од страна на Србија за време на војната во Косово во 1998-99 година.

Курти денеска на својата страница на Фејсбук сподели видео од моментот кога вчера во Институтот беше извршено примопредавањето на првите документи со кои се докажуваат злосторствата извршени од српските полициски, воени и паравоени формации во Косово во последната војна.

Тој им се заблагодари на семејствата на исчезнатите за нивната посветеност во документирањето на злосторствата на Србија.

– Функционализацијата на Институтот за документирање на злосторствата извршени за време на војната во Косово е обврска што се исполнува кон нашата колективна меморија како народ и кон нашето барање за правда, напиша Курти.

Тој информира дека вчера, на 16-годишнината од независноста на Косово, бил во Институтот за документирање на српските злосторства во Косово, заедно со извршниот директор на Институтот, Атде Хетеми и претседателот на Координативниот совет на здруженијата на семејствата на исчезнатите во Косово, Ахмет Грајчевци, на церемонија по повод примопредавање на првите документи во таа институција.

Владата на Косово во септември минатата година го усвои нацрт-законот за Институтот за злосторства извршени за време на војната во Косово од 1 јануари 1998 година до 20 јуни 1999 година, кој потоа беше усвоен и од Собранието на Косово.