Косовскиот премиер, Албин Курти во своето обраќање на крајот на годината изрази уверување дека „секој договор што ќе биде потпишан (во дијалогот со Србија) ќе биде во полза на Косово и нема да има закани по безбедноста и територијалниот интегритет, уставноста и правниот поредок“ на Косово.
Во синоќешното обраќање преку својата страница на Фејсбук, Курти рече дека Косово има соработка со сојузниците во процесот на нормализација на односите со Србија, со цел да се донесе мир и безбедност и „да се отстрани товарот што ќе го забави растот и просперитетот“ на државата.
Тој го опиша Косово како „пример за владеење на правото“.
– Нашето Косово е на прагот на иднината која е поблиску до она што го заслужуваме и за која интензивно работевме, додаде Курти, нагласувајќи ја како достигнување визната либерализација која стапува на сила од 1 јануари.
Курти рече дека Косово ја затвора 2023 година со поддршка на сојузниците и се подготвува за иднината со напредок во вредностите на демократијата и заедничките интереси со Европската Унија и Соединетите Американски Држави.
– Оваа координација со нашите западни партнери добива уште поголемо значење кога безбедноста на Европа и на различни региони ширум светот е загрозена од дестабилизирачки сили, рече претседателот на Владата на Косово.
Тој ја пофали работата на неговиот кабинет во 2023 година, додека рече дека во 2024 година треба да се извлечат поуки од научените лекции.
– Дојдовме до крајот на една година која, без сомнение, остави белег на нашата земја.
Како што ја оставаме зад себе 2023 година, трансформативна година, да се потсетиме и да размислиме за лекциите што ги научивме и за достигнувањата што ги постигнавме.
Ви благодарам од се срце и ви посакувам следната 2024 година да биде исполнета со мир и љубов, просперитет и единство за сите нас, порача Курти.