
Владата на Косово испрати писмо до претставниците на Европската унија во врска со предлогот на Европската комисија граѓаните од Косово и Метохија со пасоши издадени од Србија да можат да патуваат без визи, барајќи да се укинат српските пасоши!
Во писмото до кое дојде српски „Телеграф“, се наведува дека Србите годинава добиваат косовски пасоши „во поголем број откако Косово доби право на безвизен режим“.
„Издавањето пасоши од Директоратот за координација на Србија е неприфатливо, ги зајакнува паралелните институции, ги нарушува сопствените обврски на Србија кон ЕУ и е спротивно на препораките наведени во годишниот извештај за Србија“, се вели во писмото на „Владата на Косово“ упатено до институциите на Европската Унија, пренесува „Телеграф“.
Во писмото се наведува дека овие пасоши издадени од „незаконска институција“ претставуваат ризик од неточни податоци и безбедносни нарушувања за кои Косово не може да одговара.
„Овие документи не беа подложени на безбедносни проверки што ги имаат косовските пасоши, ниту беа дел од исполнувањето на безбедносните критериуми за дијалогот за визна либерализација дефинирани од Европската комисија. Иако Косово не ги признава пасошите издадени од Директоратот за координација, ние сме посветени за издавање пасоши по поедноставена процедура за да се осигури дека ниту еден косовски Србин кој бара пасош нема да остане без патна исправа“ се вели во писмото.