Курти: Путин стои зад Србија, не е исклучена нова војна во Косово

Премиерот на Косово, Албин Курти вели дека постои можност од избувнување нова војна во Косово, имајќи предвид дека Србија продолжува да ја снабдува својата војска со оружје од Русија и Кина.

Во интервју за хрватски „Вечерњи лист“ Курти вели дека „би било неодговорно да се каже дека никогаш повеќе нема да има конфликт и војна”.

„Доколку нема подготовки за војна, зошто минатата година Србија и Русија одржаа 104 заеднички воени вежби (на српска територија) од 91 колку што имаа најавено и во исто време ги изведоа двете најголеми вежби, насловени „Славјански штит” и „Славјанско братство” – изјави Курти.

Одговарајќи на прашањето за неговото спротивставување на формирањето на формирањето Заедница на српски општини во Косово, Курти рече дека тоа би претставувало „вовед во создавањето на една нова Република Српска” во регионот.

Според косовскиот премиер, најопасна работа во моментов е тоа што „раководството на Србија ја смета Русија за своја мајка”.

„Ризикуваме војна. Зад Србија стои Путин. Не би рекол дека опасноста е многу висока, затоа што ние го имаме контингентот на НАТО тука, но сигурно дека е висока. Ние сме една демократија која има една автократија на границата“ – изјави Курти.