Премиерот на Косово, Албин Курти во врска со последните инциденти во северно Косово, каде живее мнозинско српско население, изјави дека постои опасност од нов конфликт меѓу Косово и Србија.
Тој во интервју за италијанскиот весник „Ла Република“ изјавува дека, со оглед дека зад Србија стои рускиот претседател Владимир Путин, опасноста од нов конфликт останува висока.
„Ризикуваме војна. Зад Србија стои Путин. Не би рекол дека опасноста е мнгу висока, затоа што ние го имаме контингентот на НАТО тука, но сигурно дека е висока. Ние сме една демократија која има една автократија на границата“ – вели Курти.
Според него, пред руската агресија врз Украина можностите да избие нов конфликт во Западен Балкан беа мали, но „сега ситуацијата е променета“.
„Првата епизода, која е последица на фашистичката идеја на панславизмот, беше Украина. Доколку имаме втора епизода, на пример во Транснистрија (Приднестровска Молдавска Република), тогаш можностите дека една нова, трета војна ќе се случи во Западен Балкан, посебно во Косово, ќе бидат многу високи“ – изјави Курти.