Курти тврди дека Србите сакаат да учествуваат на изборите, да бидат слушнати, но дека Белград сака српската заедница да биде претставена само со Српската листа.
Премиерот на привремените институции на Приштина, Албин Курти, рече дека „не ја оспорува неопходноста“ од одржување на нови избори на северот на Косово „во одреден момент“, но оти, како што вели, „владеењето на правото “ треба да се воспостави пред тоа.
Во интервју за NBC News, Курти рече дека ќе разговара за можностите за одржување нови избори следната недела со специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог Мирослав Лајчак и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој ќе ја посети Приштина.
– Специјалните претставници на ЕУ и на САД Лајчак и Ескобар ќе дојдат на Косово следната недела и ќе разговараме за деталите. Верувам во предвремени избори, но затоа ни треба владеење на правото и слободна и фер кампања за слободни и фер избори – рече Курти.
Наведе дека е очигледно дека градоначалниците кои победија на изборите на 23 април имаат низок легитимитет, поради слабата излезност на тие избори, но тие се, додаде, „единствените легални и легитимни“.
Според него, властите во Приштина ги повикале сите граѓани да учествуваат на гласањето, но, како што тврди, „официјален Белград вршел голем притисок, им се заканувал и ги уценувал Србите да не учествуваат на изборите“.
Тој вели и дека „насилните екстремисти и масите кои учествуваа во насилните протести мора да бидат изведени пред лицето на правдата“, а потоа ќе се создадат услови „за изборна кампања и отворени, демократски избори“.
Курти смета дека единствената опција за „присилување“ на Србите да учествуваат на изборите е „да се спречи Белград да ги вознемирува“, во што очекува помош од меѓународната заедница.
– Верувам дека меѓународната заедница многу ќе ни помогне да им овозможиме на Србите слободно да ја изразат својата волја, да избираат свои претставници – рече Курти.