„Курти не е предавник, но тој е несоодветен премиер за Косово“

Потпретседателката на ДПК, Влора Читаку, истакна дека не може да го нарече косовскиот премиер Албин Курти предавник, но за него вели дека е несоодветен премиер за Косово, јавуваат Репортери.

Читаку истакна дека сите мора да бидат внимателни со обвинувањата што ги упатуваат на другата страна.

„Мораме да бидеме многу внимателни со зборовите што ги кажуваме. Долго време на Косово со застрашувачка леснотија се зборуваа големи зборови. Луѓето ги нарекуваа предавници, криминалци и мразители. Тоа се многу сериозни квалификации. Што, на крајот, може да донесе победа во изборниот циклус, но штетата предизвикана за јавноста и демократијата е многу голема“, рече Читаку.

Таа изјави дека Курти не е премиерот што му треба на Косово и дека ДПК работи секој ден за да постигне победа на следните избори.

„Нашата задача е да го еманципираме општеството преку политиката во која се занимаваме. За мене Албин Курти не е предавник. Верувам дека Албин Курти го сака Косово, како и сите нас. Посакувам да може да се надмине себеси. Мислам дека Албин Курти не е вистински премиер, секој ден работиме да го победиме на следните избори, како што го победивме на локалните избори. Но, не можам да го наречам Курти предавник“, рече Читаку.