Курти: Не е вистина дека албанскиот јазик е под закана во Северна Македонија

„Знаете вие дека во Косово Албанци се 93%, четири посто се Срби, а српскиот јазик е службен тука кај нас. Но, во Северна Македонија не може да се каже дека албанскиот јазик е службен јазик и дека сега е под закана. Ова не е вистина“, рече Курти.

Премиерот на Косово, Албин Курти по заедничката меѓувладина седница со македонската и косовската влада, зборуваше за загрозувањето на албанскиот јазик во Македонија, како што тврди албанската опозиција, и побара од Косово и од Албанија да го заштитат.

„Ниту има ниту имало во минатото употреба на албанскиот јазик во Северна Македонија, туку на јазиците на националностите што се над 20% од жителите во земјата. Од друга страна верувам дека сите треба да чекаме една правична одлука на Уставниот суд во Македонија кој нема да направи ниту исклучување, ниту дискриминација и кој го почитува повеќејазичниот карактер во Македонија кој несомнено постои.

Знаете вие дека во Косово Албанци се 93%, четири посто се Срби, а српскиот јазик е службен тука кај нас. Но, во Северна Македонија не може да се каже дека албанскиот јазик е службен јазик и дека сега е под закана. Ова не е вистина“, рече Курти.

Пред состанокот на македонската и на косовската Влада, Али Ахмети очекуваше Курти на маса пред премиерот Христијан Мицкоски да го отвори прашањето за „укинување“ на албанскиот јазик во Македонија, како и реакција од цело политичко Косово. Тој очекува и политичките партии во Косово колективно да кренат глас против „омаловажувањето на националните достигнувања спечалени со крв“.

„Албанскиот јазик им припаѓа на Албанците, а не на ДУИ, и народот ќе го штити“, напиша Ахмети на Фејсбук.

„Укинувањето“ на албанскиот ќе биде најголемиот удар врз мултиетничкиот карактер на државата. Таквата одлука, велат од ДУИ, ќе биде последниот клинец во ковчегот на Охридскиот договор и директна закана за меѓуетничката хармонија што ја гарантира договорот. Според интегративците, денес се соочуваме со систематски обиди да се врати назад деценискиот напредок, да се преврти историјата наспроти вредностите на правдата и инклузивноста што ја изградија оваа држава.

Претседателот на владејачката Алтернатива, Зеќирија Ибрахими, ги повика политичарите во Тирана и во Приштина „да не се залажуваат со фикција“. Тој вели дека ДУИ еднаш ги измамила Хашим Тачи и Еди Рама дека албанскиот јазик во Македонија станал официјален, а сега, пак, ги лаже тврдејќи дека е загрозен.

„За жал, во Приштина и во Тирана има политичари што веруваат во овие фикции, но заборавате дека не постои начин албанскиот, како малцински јазик, да биде позагрозен отколку што е. Се разбира, за оние што живееме тука, знаеме дека поттекстот на овие солзи „за јазикот“ е страста за моќ и стравот од правдата. Заврши времето на измамниците“ – пишува Ибрахими на Фејсбук по апелот на Ахмети и на косовската опозициска ДПК за заштита на употребата на албанскиот јазик во Македонија.