Курти: Мостот на Ибар мора да биде отворен

Премиерот на Косово Албин Курти порача дека отворањето на мостот на Ибар е прашање кое е затворено во 2016 и 2017 година во Брисел, и дека повеќе нема расправа за таа тема бидејќи, како што кажа, таа сега е во надлежност на институциите на Косово, пренесува Репортери.

Курти кажа дека за отворање на мостот потребно е само уште да стигне потврда за издржливоста од ресорното министерство.

„Сакаме слободно движење на граѓаните и владеење на правото, мир и безбедност. Од наш аспект, она што мораме да го чекаме е извештај за стабилноста на мостот. Кога ќе го видиме извештајот, ќе процениме колку е мостот стабилен“, кажа Курти при посетата на работите на патот Призрен – Тетово.

Според него, мостот на Ибар требало да биде отворен во јануари 2017 година.

„Тоа не е предмет на дискусија, туку е прашање на отвореност, а во 2016 беа завршени сите расправи и беше кажано дека мостот треба да биде отворен на 20 јануари 2017. Сега не сме ни јануари ни 2017 година, туку август 2024“, додаде Курти.

Западот, барем јавно, веќе со денови бара од Курти да се откаже од намерата да го отвори мостот, бидејќи тоа би довело до нови тензии.

И Европската Унија и КФОР истакнуваат дека отворањето на мостот треба да биде договорено во дијалогот на Белград и Приштина.

Мостот постојано го чуваат италијански карабинери бидејќи Албанците повеќе пати се обидуваа преку мостот да упаднат во северниот дел на Косовска Митровица каде живеат Срби.

Граѓаните на Северна Митровица и на северот на Косово по најавите на Курти за отворање на мостот организираа протест на кој ја отфрлија неговата идеја.

За 25 години, од 1999, на мостот и околу него се случија повеќе од илјада инциденти во кои 250 Срби беа потешко повредени, а поголем број луѓе добија полесни повреди.