
Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека Косовските безбедносни сили (КБС) се наследници на ОВК, пренесува Дукаџини.
Тој ова го изјави на централното одбележување на Денот на косовските безбедносни сили во касарната „Адем Јашари“ во Приштина.
Курти нагласи дека досега во странство се обучени 3.459 војници и офицери, а Владата на Косово двојно го зголемила воениот буџет.
„Владата на Косово за помалку од три години го удвои буџетот за Министерството за одбрана, тројно ги зголеми инвестициите во вооружување и за повеќе од четири пати обуката и образованието на нашите офицери и војници во странство. За помалку од 32 месеци испративме 3.459 војници и офицери во странство. во исто време ни е јасно дека КБС е наследник на Ослободителната војска на Косово“, рече тој.
Тој порача дека граѓаните треба да одат во иднината со позитивен поглед на државата.
„Тоа е ден на радост кога истовремено го одбележуваме споменот на оние кои се жртвувале, но во исто време гледаме на иднината со оптимизам бидејќи знаеме колку сме безбедни со нашата армија“, заклучи Курти.