Курти и Ескобар разговарале за спроведувањето на договорот и дијалогот

Косовскиот премиер Албин Курти разговараше со американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар за спроведувањето на Основниот договор со Србија и неговиот анекс, како и за дијалогот во Брисел закажан за 14 септември.

Курти во телефонски разговор му се заблагодарил на Ескобар за поддршката на Соединетите Американски Држави, за континуираната помош и поддршка за Косово.

Според соопштението на косовската влада, Курти изразил подготвеност активно да се вклучи на средбата на високо ниво во четврток во Брисел.

– Разговаравме за потребата да се обезбеди непречено и брзо спроведување на Основниот договор и неговиот анекс. Ја потврдив мојата подготвеност да се вклучам во активни преговори за време на состанокот за дијалог во Брисел и им се заблагодарив на САД за поддршката – напиша Курти на Твитер, пренесува Косово онлајн.