Курти за ситуацијата на Косово: Нема да предадам демократска република на фашистички милиции!

„Проблематично време“ – така косовскиот премиер ја нарекува ситуацијата меѓу Белград и Приштина и тензиите во последниот период кои не само што не се смируваат, туку и се заоструваат.

Албин Курти, зборувајќи на Преспа форумот што годинава се одржува во Струга, повтори дека е подготвен да се оди на предвремени локални избори на северот на Косово. Но, за тоа да се случи, како што вели, треба да се исполнат неколку услови како нормализирање на состојбата, враќање на мирот и владеењето на правото.

„Нема да предадам демократска република на фашистички милиции, на насилни националисти, на криминални банди. Нема да потклекнеме соочувајќи се со овие криминалци за кои утврдивме дека стрелаа врз НАТО војници, косовски полицајци и новинари. Тие треба да се соочат со правдата. Не ги изедначувам насилните протести на северот со српската заедница. Имам министер од српската заедница во мојата влада. Сакам Србите да ги имаат сите права, ќе ги слушам нивните барања, но нема да го компензирам официјален Белград за загубите нанесени на Србија поради геноцидниот режим на Милошевиќ. Тоа е сосема друга работа“, изјави Курти.

Курти уверува дека тој е кооперативниот во приказната иако и Вашингтон и Брисел неговите одлуки ги оценија како избрзани и како чекори кои не придонесуваат за враќање на мирот и стабилноста. Косовскиот премиер вината ја вперува кон Белград, вклучувајќи го и последниот инцидент во кој српските безбедносни сили уапсија тројца косовски полицајци тврдејќи дека влегле на територијата на Србија.