Курти за беспилотните летала: Мислите дека во Србија се е рационално?

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека не знае кои беспилотни летала влегле на територијата на Србија и од каде и ги праша новинарите дали сметаат дека во Србија се е рационално.

Курти присуствуваше на Самитот на Берлинскиот процес во Берлин во четвртокот, по што новинарите го прашаа за дронови забележани над административната линија и за соборувањето на еден над воениот објект кај Рашка.

„Прашајте ги, не знам кои дронови влегле во Србија и од каде. Значи, дали мислите дека во земја каде владејачкиот режим не е демократски, се е рационално? Таму има толку многу нерационални постапки“, одговори Албин Курти, пренесува Косев.

Истиот ден, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој присуствуваше на воената вежба на Пасуљанските ливади, рече дека не е првпат вакви беспилотни летала да се забележат над касарната на српската армија и оти се прават напори се прави да се утврди кој го испратил дронот.

Запрашан за отсуството на Вучиќ на самитот во Берлин, Курти рече дека не го пропуштил.

„Не знам зошто не дојде, не е дека многу ни недостасуваше. Можеби на некои, но секако не на мене“, изјави косовскиот премиер.

Српските новинари го прашаа и за обединувањето на српските општини, а тој ги коригираше, наведувајќи дека може да има само заедница на општини со српско мнозинство.

„Нема општина на национална основа, туку има општина во која живее мнозинството од населението. Тоа се различни работи“, рече тој.

Тој додаде дека ваквата организација, иако предвидена со Бриселскиот договор, не го положила тестот на Уставниот суд на Косово. Како аргумент за тоа што таа се уште не е формирана, тој наведе дека Србија нема слични заедници за општините кои се претежно населени со национални малцинства.

„И во Србија има такви заедници. Дали Србија е подготвена да има заедница на општини со мнозинство од населението Романци, Унгарци, Бошњаци, Албанци итн.? Не можете да барате нешто од некој друг, а тоа не го правите ниту во вашата куќа“, рече Курти.