
Косовскиот премиер Албин Курти на Твитер напиша дека одбивањето на Српската листа да учествува на локалните избори закажани за 23 април е „знак за контрола на Белград врз партијата и континуирано мешање во внатрешните работи на Косово“.
Во исто време, Српска листа објави дека нема да учествува на претстојните вонредни локални избори во општините со српско мнозинство на север поради „последиците од континуираното институционално насилство“ што „го спроведува режимот на Албин Курти“. .
„Пред сè, поради неисполнувањето на нашите јасни барања, поради што ги напуштивме косовските институции, а тоа е формирањето на Заедницата на српските општини и повлекувањето на сите специјални сили од северот на Косово“, се наведува во соопштението.
Вонредни избори за градоначалниците на Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток беа распишани за 23 април, откако градоначалниците од Српската листа поднесоа оставки поради одлуката на косовската влада да го спроведе процесот за пререгистрација од српски во косовски таблички.
Претходно најавените избори за 18 декември минатата година беа одложени на барање на меѓународната заедница.
Рокот за поднесување кандидатури истече на 22 март.
Централната изборна комисија на Косово соопшти дека нема нови пријави, но дека само е потврдена кандидатурата на оние кои се пријавиле за учество на изборите на 18 декември. Тоа значи дека има вкупно 11 кандидати од четири политички субјекти, од кои само двајца се од српската заедница.
Српската листа наведува дека одлуката да не учествува на овие избори ја донела во согласност „со ставовите на граѓаните што ги застапува со години“.