„Културното наследство низ делата од колекцијата на Националната галерија“ – изложба во Мала станица

Националната галерија на Македонија денеска од 13 часот во Мала станица ќе ја отвори изложбата „Културното наследство низ делата од колекцијата на Националната галерија“, на која ќе бидат претставени триесетина дела што го документираат и визуелно го претставуваат културното наследство на нашата земја, со посебен акцент на недвижното културно наследство – цркви, манастири, џамии, амами, како и профани градби од разни региони на Македонија.

Националната галерија на Македонија денеска од 13 часот во Мала станица ќе ја отвори изложбата „Културното наследство низ делата од колекцијата на Националната галерија“, на која ќе бидат претставени триесетина дела што го документираат и визуелно го претставуваат културното наследство на нашата земја, со посебен акцент на недвижното културно наследство – цркви, манастири, џамии, амами, како и профани градби од разни региони на Македонија.

-Изложбата „произлегува од богатата и разновидна колекција на Националната галерија на Република Северна Македонија. Таа опфаќа внимателно селектирани околу 30 дела, кои не ги откриваат само архитектонските и уметничките особености на претставените објекти, туку ја истакнуваат и нивната историска, документарна и културна вредност. Преку сликарските и цртачките сведоштва, посетителите ќе имаат можност да добијат увид во изгледот на старите градби, нивната просторна структура, архитектонските елементи и декоративните решенија, како и во промените на нивната состојба низ времето. Меѓу авторите чии дела се застапени на изложбата се Љубомир Ивановиќ, Лазар Личеноски, Ѓорѓи Ачески, Михајло Шојлев, Димитар Аврамовски Пандилов и други значајни уметници. Тие твореле во разни временски периоди и уметнички контексти, соопшти Националната галерија на Македонија.

Најголем дел од делата што ќе бидат изложени потекнуваат од првата половина на XX век, кога македонската ликовна уметност се развивала во допир со традиционалните вредности и современите модернистички тенденции.

-Покрај нивната несомнена уметничка вредност, делата имаат и особено значење како визуелни и документарни сведоштва за културниот простор на Македонија. Тие овозможуваат согледување на историскиот контекст, изгледот и особеностите на архитектонските објекти, но и на уметничките пристапи и ликовните техники применувани од авторите. Во таа смисла, секоја слика и секој цртеж претставуваат непосредно сведоштво за едно време и за културното наследство што го обликувало просторот во кој живееме. Со овој изложбен концепт, Националната галерија отвора нов пристап кон интерпретацијата и презентацијата на сопствената колекција, откривајќи ја нејзината документарна димензија и потенцијалот на уметничките дела како сведоштва за културното наследство. Изложбата претставува можност за пошироката јавност повторно да го открие богатството и разновидноста на македонското културно наследство, согледано низ уметничкиот израз на авторите кои го забележале и овековечиле, наведува организаторот.

Раководител на изложбата е виш кустос Маја Крстевска, соработник е кустосот Владимир Таневски.