Културен амалгам – завршна средба со авторите Никола Јовановиќ и Саша Станишиќ
Со средба со авторите Никола Јовановиќ и Саша Станишиќ денеска, во 18 часот во Културно информативниот центар – Скопје, Салон Империјал 2 ќе биде затворено овогодишното прво издание на Интердисциплинарниот и мултимедијален фестивал „Културен амалгам“.
-На затварачкиот настан ќе имаме прилика да се сретнеме со уметниците кои учествува на фестивалот, режисерот на филмовите “Митот за Сара”, “Мангава диско панк” и “Долу од рајот” Саша Станишиќ и авторот на изложбата „24“ Никола Јовановиќ. Присутните ќе имаат прилика да разговараат со авторите и да им постават прашања во врска со нивната работа. На настанот накратко ќе се осврнеме и на искуствата од оваа мини уметничка турнеја и за плановите за следното издание, наведуваат организаторите на фестивалот.
Првото издание на Интердисциплинарниот и мултимедијален фестивал КУЛТУРЕН АМАЛГАМ, беше отворено на 23 јули 2024, во Културно информативен центар – Скопје со што започна патувачкиот дел низ сродните установи низ земјава и тоа: Домот на културата „Лазар Софијанов“, Кратово; „Спомен Куќа ТОДОР ПРОЕСКИ“; Крушево и Културно информативниот центар – Битола.
Во својата основа фестивалот имаше за задача да отвори врати кон вистинска и коренита децентрализација на културата во Македонија преку поставување темели на соработка и градење на културна свест во различни средини низ различни градови.
-Соработката на Културно информативнит центар – Скопје со останатите центри, преку меѓуинституционалниот и мултимедијален фестивал постави темел за понатамошно аплицирање на истиот и низ останатите градови низ Македонија, се наведува во соопштението.
Фестивалот „Културен амалгам“ е поддржан од Министерството за култура и туризам.