Дмитро Кулеба – шефот на украинската дипломатија изјави дека Украина нема да се предаде или капитулира во преговорите со Русија и дека подготвеноста на Русија да зборува без никакви предуслови, ултиматуми и барања е веќе победа за Украина.
„Значи, мислам дека фактот што Русија е подготвена да разговара без никакви предуслови, без никакви ултиматуми, барања кон Украина, веќе е победа за Украина“ – рече Кулеба.
Министерот додаде дека украинската делегација ќе слушне што има да каже Русија, без никакви предуслови, и ќе го каже своето мислење за конфликтот и нивните активности.
„Доколку резултатот од овие преговори е мир и крај на војната, тоа треба да се поздрави. Но, јас јасно кажувам дека нема да се предадеме, нема да капитулираме, нема да предадеме ниту дел од нашата територија“ – потенцира Кулеба.
Истакна дека пред неколку дена, на почетокот на војната, Русија воопшто не била заинтересирана за никакви преговори, но бидејќи претрпела загуби сфатила дека нејзиниот план не бил успешен.