Кулеба: Османи е човек кој заслужува доверба – тоа го научив во најтешките моменти на војната

Поранешниот министер за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, испрати силна и емотивна видео порака со поддршка за Бујар Османи и неговата кандидатура за градоначалник на Чаир.

Поранешниот министер за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, испрати силна и емотивна видео порака со поддршка за Бујар Османи и неговата кандидатура за градоначалник на Чаир.

Во пораката, Кулеба му се заблагодари на македонскиот народ за поддршката кон Украина во текот на руската инвазија, но и посебно се осврна на улогата на Османи како министер за надворешни работи на Македонија и претседавач со ОБСЕ.

„Ние, Украинците, сме ви благодарни за вашата поддршка. Засекогаш ќе се сеќаваме со благодарност што во изминатите три години вашата горда нација застана покрај Украина“, рече Кулеба, нагласувајќи дека Македонија и нејзините институции покажале вистинска солидарност во најтешки моменти.

Во продолжение, Кулеба зборуваше лично за Османи:

„Бујар Османи е мој пријател кој ја водеше вашата дипломатија и го предводеше ОБСЕ за време на македонското претседавање. Тој е познат политичар и сум сигурен дека го почитувате исто толку колку што и јас го почитувам.“

Министерот од Украина изрази цврста поддршка за кандидатурата на Османи, оценувајќи го како исклучително посветен и чесен човек:

„Убеден сум дека ќе ви служи со највисок квалитет, интегритет и посветеност. Тој ја сака Македонија, ве сака вас, ги сака вашите градови и села. Тој е човек кој заслужува доверба. Јас тоа го научив во најтешките моменти на инвазијата.“

Кулеба истакна и дека искуството и мрежата на меѓународни контакти што ги стекнал Османи во изминатите години се непроценлив ресурс за секоја локална самоуправа што сака да напредува и да ги искористи европските фондови и поддршка.