Кузеска: Со новиот пакет мерки пензионерите добиваат до 15.000 денари во наредните 5 месеци

Со СДСМ пензионерите добиваат повеќе, рече денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

„Со новиот пакет антикризни мерки пензионерите со најниски пензии до 14.000 денари, во наредните 5 месеци ќе добијат 15.000 денари на своите сметки. По 3.000 денари секој месец. Пензионерите што имаат пензии од 14.000 до 16.000 денари добиваат по 2.000 денари месечно односно 10.000 денари. Оние пензионери со пензија од 16.000 до 19.000 денари добиваат по 1.500 денари месечно односно 7.500 денари. Исплатата започнува во декември, со цел зимските месеци да поминат со повеќе пари во семејните буџети“ рече Кузеска.

Напомена дека „со овие мерки опфатени се над 187.000 пензионери. Со новата методологија на пресметка на пензиите, пензиите веќе пораснаа за повеќе од 5.000 денари. Ако се спореди со 2016 година, во време на ДПМНЕ, просечната пензија изнесувала 13.754 денари, или нешто над 200 евра. Во време на СДСМ, оваа 2023 година, просечната пензија е покачена на околу 20.000 денари“.

„Линеарните покачувања на пензиите од страна на ДПМНЕ беше само по 600 денари, сите други пари ДПМНЕ ги трошеше за споменици, стиропор, жални врби“ рече таа.