„Чувството на граѓаните е дека едноставно Владата се обидува упорно да ја минимизира кризата со пожарите со тоа што тера политичките агенди како ништо да не се случува. Ова е неодговорно и погрешно. Ова потврдува дека овие функционери не се дораснати за позицијата и дека во секоја следна криза наместо борба гради во гради ние ќе гледаме обиди за пренасочување на вниманието на граѓаните“, изјави на прес-конференција во СДСМ, портпаролката Богданка Кузеска.
Таа додаде дека и покрај сите предупредувања од СДСМ дека се доцни и лошо се координира со кризата, владата на ВМРО-ДПМНЕ доцни со носење одлуки и организација на сите расположливи ресурси.
„СДСМ како одговорна партија не сакаше да долева масло на огнот во кризата и ги остави институциите да ја вршат работата, но сега е јасно дека Владата нема капацитет да се носи со предизвиците и прави погрешни проценки за состојбите. Таа нагласи дека мора да се обезбеди правилно и поефикасно користење на сите ресурси на државата во борба со пожарите и додаде дека СДСМ бара Управувачкиот комитет итно да направи план за распределба на достапните ресурси и превенција на кризните точки. Во моментов не е јасно ниту дали се ангажирани републичките противпожарни сили преку дирекција за заштита и спасување. Доколку не се, потребно е целосно нивно ангажирање како и поголема мобилизација на армиските сили. СДСМ смета дека недоволно и ненавремено се ангажираат армиските сили во поддршка на гасењето на пожарите. Бараме нивно поинтензивно вклучување и поддршка.“, рече портпаролката.
Кузеска го спомена и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Министерот или конечно да се разбуди или итно да биде сменет. Не може да гори 5% од територијата, да има изгорени илјадници километри квадратни шума а министерот којшто е надлежен да управува со комитетот за кризи никаде да го нема. Бараме тој целосно да се посвети на управување со кризата и Управувачкиот комитет да е во постојано заседавање или целосно да се повлече, да биде заменет“, рече Кузеска.
Таа рече дека СДСМ ќе остане конструктивна во своите апели и поддршка на институциите со конкретни предлози и дека активистите на партијата членовите на СДСМ ќе бидат на терен со граѓаните секогаш кога е потребна поддршка.
„Потребно е сите заедно да придонесеме што побрзо да се заврши пеколот од кој изгореа над 5% од територијата на земјата“, рече Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.