
Кубанската влада синоќа објави дека 32 нејзини државјани се убиени во американска акција во Венецуела, во која беше уапсен претседателот Николас Мадуро со цел да му се суди во САД.
Хавана соопшти дека денешниот и утрешниот ден се прогласени за денови на жалост. Владата не изнесе дополнителни детали, освен дека убиените биле припадници на кубанската војска и разузнавачките служби.
„Нашите сонародници достоинствено и херојски ја исполнија својата должност и паднаа по жесток отпор во директна борба со напаѓачите или за време на бомбардирање на објекти“, се наведува во соопштението.
Куба му помагала на Мадуро во обезбедувањето уште од неговото доаѓање на власт, но не е познато колку Кубанци го обезбедувале претседателот на Венецуела во моментот кога загинале, ниту колку од нив страдале на други локации.
Мадуро (63) и неговата сопруга Силија Флорес беа заробени од американските сили во саботата во Каракас и префрлени во САД. Мадуро се наоѓа во притвор во Њујорк, каде што во понеделник треба да се појави пред суд. Во САД во 2020 година беше обвинет за нарко-тероризам, што тој постојано го негира.