Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) денеска организира предупредувачки протест пред Собранието и Владата искажувајќи незадоволство што досега не се усогласени платите со минималната плата.
Од КСС подолг период бараат усогласување на платите со минималецот за да нема ситуации во кои вработени на различни работни позиции и со различен степен на образование да земаат иста плата.
Бараат да се покачи бодот за да може да се задржи распонот на разликата меѓу платите на останатите вработени. Доколку не се исполни ова нивно барање, раководството на синдикатот најави генерален штрајк.
Протестот ќе почне пред Собранието од 15:30 часот до 16:30 часот по што ќе продолжи пред Владата.
Минатата среда во Владата во рамки на Економско-социјалниот совет беше разговарано за ова прашање, но не се постигна конкретен договор по што КСС најави дека останува на ставот да се одржи предупредувачкиот протест.
Од Владата, пак, порачаа да продолжи социјалниот дијалог и доколку е потребно да се отворат колективните договори и да се види дали има можност за усогласување на платите.
Поддршка за протестот, КСС доби од повеќе грански синдикати, меѓу кои и од најбројниот Синдикат за образование, наука и култура (СОНК).