Крмов: Материјалната штета во Собранието ќе биде платена, но штетата по демократијата е неповратна

Пратеникот од Левица, Борислав Крмов, кој вчера во Собранието предизвикаа инцидент за време на амандманската расправа за новиот Деловник за работа на Собранието, вели дека материјалната штета која ја предизвикал ќе ја плати, но според него штетата од процесот со кој се укина парламентарна демократија е неповратна.

„Слободно, нека ми ја пратат сметката, тоа е најмалиот проблем. Ќе ја платиме штетата, но штетата од процесот што се случи е неповратна. Собранието, на еден начин се самоукина. Собранието сега е само обичен извршител на Владата и следната влада којашто ќе дојде на власт практично веќе нема да има Собрание“ – рече Крмов во гостување во емисијата „Тешки муабети“ на „Инфомакс“.

Крмов рече дека во Собранието треба да има судир на идеи и повеќе политички опции, а не да биде како влада.

Според него, по вчерашното фрлање на амандмани, мислејќи на неархивирањето и неприфаќањето на амандманите на Левица, нов Деловник воопшто не му е потребен на Собранието.

„После ова денеска, не му ни требаат промените на Џафери и на ВМРО-ДПМНЕ, а и на останатите. Тие ако може вака да фрлаат амандмани не мора ни филибастерот да се укинува, иако сега формално е укинат“ – рече Крмов.

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска најави дека припадници на Министерството за внатрешни работи извршиле увид на направената штета по вчерашниот инцидент што го предизвикаа пратениците на Левица за време на амандманската расправа во Собранието и најави дека пратеникот Борислав Крмов ќе треба да ја плати штетата.