Кристијано Роналдо се сели во Саудиска Арабија, ќе добива 200 милиони евра годишно

Неколку дена по раскинувањето на договорот со Манчестер Јунајтед, предводникот на португалската фудбалска репрезентација Кристијано Роналдо наводно договорил две и пол годишен договор со Ал Наср од Саудиска Арабија, според кој ќе заработи неверојатни 200 милиони евра годишно.

Еден од најдобрите светски фудбалери на сите времиња, 37-годишниот Португалец моментално е на Светското првенство во Катар, каде неговата репрезентација успеа да се пласира во нокаут фазата.

Доколку се точни информациите на шпанска Марка, која вообичаено има сигурни извори, тоа би значело дека Роналдо ќе игра до својата 40-та година.

И тој не би бил првиот добитник на Златната топка – наградата за најдобар фудбалер на светот – кој би играл во Саудиска Арабија, а токму во Ал Наср.

Бугаринот Христо Стоичков, освојувач на Златната топка во 1994 година, одигра два натпревари за Ал Наср во 1998 година и постигна гол во триумфот на Купот на победниците на Азија.

Пред неколку дена, непосредно пред почетокот на Светското првенство во Катар, Роналдо се согласи да го раскине договорот со Манчестер Јунајтед по интервјуто во кое изрази голема огорченост за ситуацијата во клубот на сите нивоа, а особено за врска со тренерот Ерик тен Хаг.

Информацијата дека кариерата ќе ја продолжи во Саудиска Арабија не е изненадување.

Уште ова лето, додека се зборуваше за евентуално заминување на Роналдо од „Олд Трафорд“, се појавија информации дека тој добил астрономска понуда од клуб од блискоисточна земја.

Роналдо е во пад на кариерата, освои речиси се што можеше да освои во фудбалот.

Започна во Спортинг Лисабон и играше за најголемите европски клубови, како Манчестер Јунајтед (двапати), Реал Мадрид и торински Јувентус.

Во кариерата освои повеќе од 30 трофеи, меѓу кои титулата европски првак со Португалија, пет титули на клупскиот европски првак, исто толку пати ја освои и Златната топка.

Роналдо е и првиот во историјата на фудбалот кој постигнал гол на пет светски првенства.