Крипто кралот Сем Бенкмен Фрид осуден на 25 години затвор

Семјуел Банкмен Фрид, основачот на американската крипто берза FTX, е осуден на 25 години затвор, бидејќи украл повеќе од осум милијарди долари од клиентите на неговата сега банкротирана фирма.

По двочасовното рочиште, судијата Луис Каплан рече дека Банкмен Фрид знаел дека се занимава со нелегални активности и дека „не покажал каење за страшните злосторства што ги направил“.

„Направив многу грешки, ги изневерив сите за кои се грижев“, изјави обвинетиот во судницата.

Обвинителите тврдат дека тој зел повеќе од десет милијарди долари од клиенти во, како што велат, „најголемата финансиска измама во американската историја“.

„Степенот на неговите злосторства се мери не само со износот на украдените пари, туку и со извонредната штета предизвикана на жртвите, некои со нивните животни заштеди збришани преку ноќ“, изјави на судењето Демијан Вилијамс, американски обвинител за јужниот округ во Њујорк.