Украински беспилотни летала го нападнаа поморскиот нафтен терминал во Феодосија на Крим, објави Укринформ, повикувајќи се на извори од безбедносните агенции.
Станува збор за важен инфраструктурен објект кој ги снабдува руските војници со гориво.
„Дроновите ја погодија целта. Последиците за Русите се доста значајни, бидејќи на територијата на терминалот имало околу 30 цистерни со гориво“, вели изворот.
Како што потсетува киевската агенција, утрово Службата за безбедност на Украина со беспилотни летала го погодила рускиот радарски систем Небо-М кај Бахерово, како и хеликоптерската платформа, радарскиот систем Терек П-18 и ракетен систем за контрола Бајкал-1М кај Стрелкова.