Кризни мерки во Грција – попуст на бензинот и субвенции за струја
„Зголемени субвенции за електрична енергија, електронска карта за гориво за 60 литри бензин месечно со попуст од 22 центи, дополнителна финансиска поддршка за ранливите категории“. Ова се дел од мерките што утрово ги соопштија надлежните грчки министри, како дел од пакетот мерки во висина од 1,1 милијарди евра што се однесуваат на 3,2 милиони граѓани.
Мерките ги објаснија министрите за финансии, животна средина и енергија и за земјоделство.
Планирано е преку електронска карта за бензин, граѓаните со годишен семеен приход до 30.000 евра да добијат попуст на горивото за следните три месеци, односно 60 литри бензин месечно со попуст од 22 центи за литар.
Дополнително, такси возилата ќе добијат специјален надоместок во висина од 200 евра за да ги покријат зголемените трошоци за гориво во март и април.
За ранливите категории граѓани да се справат со зголемените цени на производите и енергијата, Стајкурас соопшти дека се планирани дополнителни додатоци пред Велигден, а се однесуваат на оние со ниски месечни примања и со ниски пензии.
Во однос на електричната енергија, министерот за животна средина и енергетика на Грција – Костас Скрекас објасни дека „просечната цена на струјата од почетокот на март до денеска е 312 евра за мегават часови, кога во јануари беше 227, а во февруари 213 евра за мегават часови, пет пати повисока од лани“ и соопшти дека субвенцијата за електрична енергија од 40 евра за овој месец, се зголемува на 72 евра во април и се однесува на сите домаќинства, а помош има и за бизнисите и за корисниците на природен гас.