Кривично да се гонат поранешните генерални секретари на Владата бараат од Државната комисијата за спречување на корупцијата.
Оваа одлука е донесена денеска и истата значи екс-генералните секретари на Владата Драги Рашковски и Мухамед Зеќири кривично да се гонат за незаконски ангажирања на лица за работа со договор на дело, и ангажирања преку приватна агенција за привремени вработувања, како и за ангажман на лица за вршење на интелектуални услуги.
Претседателката Билјана Ивановска, нa денешната седница на Комисијата реферирајќи за овој предмет рече дека ДКСК ќе побара кривично гонење за екс-генералните секретари на Владата Драги Рашковски и Мухамед Зеќири, за злоупотреба на службената положба, според членот 353 од Кирвичниот закон.
Ивановска појасни дека Комисијата извршила увид во документацијата и утврдиле дека во периодот 2017-2021 година на име договори за авторско дело и преку приватни агенции за вработување се потрошени 2,5 милиони евра.
Во 2018 година биле ангажирани, за потребите на генералниот секретаријат на Владата, 119 лица преку договор за авторско дело и 25 преку приватна агенција за вработување, во 2019 година 103 договори за авторско дело и 32 преку приватна агенција за вработување, во 2020 година – 118 авторски договори и 36 преку приватна агенција за вработување и 2021 – 78 авторски договори и 18 преку агенција за приватни вработувања.
Се додава дека секогаш се користени услугите на иста приватна агенција за вработување и иста агенција за давање услуги од интелектуална сопственост.