
Поранешен градоначалник на Пробиштип и двајца вработени во општината се соочуваат со кривично-правно гонење поради сомнение за несовесно работење во службата.
Полицијата информираше дека нејзината надворешната канцеларија за криминалистички работи од Пробиштип поднела пријава против три лица од Пробиштип, на возраст од 61, 53 и 44 години. Според пријавата, случајот се однесува на незаконско издавање одобрение за градење угостителски објект – ресторан, во текот на 2023 година.
Според истрагата, двајцата вработени во Одделението за урбанизам во Општина Пробиштип, иако имале официјално негативно мислење од Електродистрибуција ДООЕЛ – КЕЦ Кочани, не го одбиле барањето за градење. Во мислењето јасно било наведено дека објектот не може да се приклучи на електродистрибутивната мрежа, бидејќи е предвиден во близина на постоечки електроенергетски објект, што е спротивно на Законот за енергетика.
И покрај тоа, барањето не било одбиено, а одобрението за градење било потпишано од тогашниот градоначалник, со што им било овозможено на инвеститорите да изградат ресторан на парцели кои не се наменети за таква градба.
Од полицијата информираат дека со ваквото постапување биле прекршени законските прописи, а со тоа била овозможена незаконска градба. По целосното документирање на случајот, до надлежното обвинителство е доставена кривична пријава.