Одбивањето на раководството на НАТО да ги земе предвид изјавите на рускиот претседател Владимир Путин за последиците од можните напади врз Русија со западно оружје е опасен и кусоглед чекор, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Со тие зборови тој ја коментираше изјавата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг кој рече дека Алијансата нема да стане дел од конфликтот во Украина доколку дозволи Киев да изврши напади длабоко на руска територија и дека тоа нема да биде црвена линија.
– Оваа очигледна желба да не се земе предвид изјавата на рускиот претседател е кратковид и непрофесионален чекор – рече Песков.
Тој истакна и дека актуелниот генерален секретар на НАТО наскоро си заминува од функцијата и дека наскоро нема да мора да сноси одговорност за кажаните зборови.
– Сепак, таквиот став е крајно провокативен и опасен – рече Песков.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека претставниците на земјите од НАТО мора да разберат „со што си играат“ кога зборуваат за плановите да му се дозволи на Киев да погоди цели длабоко во руската територија користејќи ракетни системи предадени на вооружените сили на Украина.
Според него, директното учество на Западот во конфликтот во Украина значително ќе ја промени неговата суштина и ќе значи дека членките на Северноатлантската алијанса – САД и европските земји – се во војна со Русија.
– Москва ќе носи одлуки врз основа на заканите што се појавуваат пред неа, истакна Путин.