Кремљ: Русија и НАТО се во директен конфликт

Русија и НАТО сега се во „директен конфликт“, објави денеска официјален Кремљ, додека западната воена Алијанса ја одбележува својата 75-годишнина.

Во февруари 2022 година, претседателот Владимир Путин започна инвазија на Украина за да спречи НАТО да се приближи премногу до Русија, но таа војна даде нов поттик на западната воена алијанса, која на крајот ги вклучи Финска и Шведска, а бројот на членки на НАТО порасна на 32 земји.

Откако во средата портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека НАТО се вратил на менталитетот на Студената војна, портпаролот на Кремљ – Димитриј Песков изјави денеска за новинарите дека „односите меѓу Русија и НАТО всушност паднаа на ниво на директен конфликт“.

Според неговите зборови, НАТО е „веќе вклучен во конфликтот околу Украина и продолжува да се приближува до нашите граници и ја проширува својата воена инфраструктура сè поблиску и поблиску до нашите граници“.

Путин во неколку наврати изјави дека по Студената војна и распадот на Варшавскиот пакт, западниот свет ја измами Русија со проширување на НАТО на исток и прием на земјите од Источна Европа и трите балтички држави кои беа дел од Советскиот Сојуз во членство.

Западот го отфрла тоа тврдење и тврди дека НАТО е одбранбен сојуз и дека приемот на поранешните членки на Варшавскиот пакт и на балтичките земји бил нивниот демократски избор по децениското комунистичко владеење.

НАТО тврди дека и помага на Украина во борбата за нејзин опстанок и го снабдува Киев со модерно оружје, обука и разузнавање.

Русија тврди дека НАТО де факто стана страна во конфликтот.