Кремљ: Размената на затвореници не води до дипломатски напредок со Украина

Кремљ денеска отфрли каков било моментален напредок во преговорите околу војната во Украина по големата размена на затвореници меѓу Москва и Западот, истакнувајќи дека овие два процеса следат „целосно различни принципи“.

– Кога зборуваме за Украина и посложени меѓународни проблеми, принципите се целосно различни, тоа се принципи на национални интереси, национална безбедност, рече портпаролот на Кремљ – Дмитриј Песков пред новинарите, прашан за можноста за дипломатски напредок меѓу Киев и Москва по размената на заробеници.

– Работата се одвива на целосно различен начин, според други принципи, додаде Песков.

Преговорите меѓу Киев и Москва, повеќе од две години по почетокот на руската инвазија на Украина, се блокирани, а двете страни имаат наизглед непомирливи барања.