
Средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и специјалниот пратеник на претседателот на САД, Стив Виткоф, заврши доцна синоќа во Кремљ, соопшти прес-службата на рускиот претседател.
Руските медиуми пренесуваат дека средбата траела повеќе од три часа.
Специјалниот пратеник на американскиот претседател пристигна во Москва рано изутрината, а беше пречекан од генералниот директор на Рускиот фонд за директни инвестиции, Кирил Дмитриев, по што го посетија паркот „Зарјадје“ во Москва.
Разговорот меѓу Путин и Виткоф беше корисен и конструктивен, објави помошникот на Кремљ за надворешна политика, Јуриј Ушаков.
Оваа тричасовна средбата во Кремљ доаѓа на два дена пред истекот на рокот што американскиот претседател Доналд Трамп ѝ го даде на Москва да постигне договор со Украина или да се соочи со нови санкции од САД.
Јуриј Ушаков за рускиот медиум „Звезда“ изјави дека двете страни разговарале за војната во Украина и можностите за подобрување на односите меѓу САД и Русија. Тој додаде дека Москва добила одредени сигнали од Трамп и одговорила на нив.
Американскиот претседател претходно се закани со санкции против Русија, кои би вклучувале секундарни тарифи против нејзините трговски партнери како што се Кина и Индија.
„Не споменав проценти кога зборував за санкции, но ќе разговараме и за тоа. Ќе видиме како ќе се развива ситуацијата во наредните денови. Имаме состанок со Русија и потоа ќе донесеме одлука“ – рече Трамп.