Кремљ одби да каже дали се подготвува за украински воздушни напади врз Москва

Оваа недела низ Москва беа забележани противвоздушни ракетни системи поради загриженоста од способноста на Украина да напаѓа длабоко во руската територија, вели Москва тајмс.

На видеата и фотографиите што вчера кружеа на интернет се гледаше нешто што личи на системот земја-воздух Панцир-С1 инсталиран на врвот на една административна зграда и на седиштето на Министерството за одбрана во центарот на Москва.

Денеска се појавија информации дека друг систем што најверојатно е Панцир-С1 бил забележан на 10 километри од официјалната резиденција на претседателот Владимир Путин во Ново-Огарјово надвор од Москва овој месец.

Панцир-С1 е систем за противвоздушна одбрана дизајниран да штити од различни оружја, вклучувајќи авиони и балистички и крстосувачки ракети.

Претходно беа видени противвоздушни ракетни системи С-400 во еден национален парк и еден полигон во северниот и североисточниот дел на Москва.

Безбедносниот аналитичар Мајкл Хоровиц на Твитер рече дека Русија можеби е загрижена поради „украински напади врз Москва“ или можеби сака да ја „напумпа“ заканата од украински напади.

Москва ги обвини украинските сили дека стојат зад нападите со беспилотни летала врз воената инфраструктура длабоко во руската територија.

Пријавените распоредувања на Панцир-С1 и С-400 следуваат по серијата разорни напади со беспилотни летала стотици километри во рамките на руската територија минатиот месец. Москва го обвини Киев за нападите, додека Киев не ги коментираше официјално инцидентите.

Запрашан дали Русија е загрижена дека Москва може да биде нападната, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го упати прашањето кон Министерството за одбрана.

„Тие се одговорни за осигурување на безбедноста воопшто на земјата и особено на главниот град, затоа е подобро да се праша Министерството за одбрана за сите мерки што се преземаат“, им рече Песков на новинарите.

Министерството не одговори на барањето за коментар, вели Москва тајмс.

Експертите предупредија дека Москва е изложена на потенцијални украински напади откако ги пресели своите системи за воздушна одбрана поблиску до Украина кога го нападна својот сосед на 24 февруари 2022 година.