Кремљ: Нема конкретен рок за самитот Путин – Трамп

Ниту (Владимир) Путин ниту (Доналд) Трамп не објавија конкретен рок. И американската и руската страна изјавија дека ова може да потрае, посочи Песков, додавајќи оти подготовките за претседателската средба се сериозни.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека ниту рускиот ниту американскиот претседател не објавиле конкретен рок за одржување на средба.

– Ниту (Владимир) Путин ниту (Доналд) Трамп не објавија конкретен рок. И американската и руската страна изјавија дека ова може да потрае, посочи Песков, додавајќи оти подготовките за претседателската средба се сериозни.

Претходно, американски медиуми објавија дека е одложена средбата помеѓу шефовите на дипломатијата на САД и Русија, Марко Рубио и Сергеј Лавров. Со одложувањето на нивната средба се пролонгира и очекуваната средба на Трамп со Путин.

Рускиот заменик-министер Сергеј Рјабков наведе дека средбата Лавров – Рубио бара претходни подготовки.

– Не можеме да одложиме нешто што не е договорено. Не го потврдивме она што го пишуваа некои западни извори вчера. Немавме јасно дефинирано ни време ни локација за таква средба. Постои идеја за одржување на таква средба, истакна Рјабков.