Портпаролот на Кремљ – Дмитриј Песков призна дека Русија има значителни воени загуби во Украина, во инвазијата која трае 44 дена. Песков изјави дека жртвите се огромна трагедија за Русија, но се надева дека Москва ќе ги оствари своите воени цели во наредните денови.
Ваквите коментари на Песков доаѓаат откако Русија беше исклучена од Советот за човекови права на Обединетите нации, за што гласаа 93 од 193 членки на Генералното собрание.
„Да, руските трупи имаат значителни загуби и тоа е голема трагедија за нас“ – изјави Песков за „Скај њуз“.
„Тоа беше погрешно разбрано. Повлекувањето од киевскиот регион и Чернихив беше чин на добра волја, со цел да се намали тензијата за време на мировните преговори“ – смета тој.
На 25 март годинава, руското Министерство за одбрана соопшти дека 1.351 руски војник загинал во борбите, додека Украина вели дека оваа бројка е речиси 19.000.
Според проценките на Пентагон и НАТО, досега загинале меѓу 7.000 и 15.000 руски војници.