
Кредитобарателот може да ги исплаќа и долговите на жирантот, граѓаните не знаат за долговите што ги преземаат
Во пракса може да се случи и обратна ситуација, кога лицето кое го плаќа својот кредит уредно и навремено поради преголемата кредитна изложеност, односно нефункционалност на неговиот жирант, банката да побара од него да го исплати целиот доспеан долг од жирантот кој не е способен да си ги отплаќа сопствените долгови.
Скоро секогаш блиски пријатели, сопрузи или колеги си гарантираат еден на друг за долг, со што преземаат голем финансиски ризик. Ако должникот не може да го врати долгот, жирантот (гарантот) станува одговорен за исплатата што често доведува до финансиски и емоционален товар и целосно нарушување на односите.
Финансискиот притисок, нарушената доверба и емоционалниот стрес создаваат тензии и кавги, особено ако должникот не покажува одговорност. Различните очекувања, кога едниот очекува помош, а другиот се чувствува измамен или под притисок, во целост ги згаснуваат овие врски.
Во пракса може да се случи и обратна ситуација, кога лицето кое го плаќа својот кредит уредно и навремено поради преголемата кредитна изложеност, односно нефункционалност на неговиот жирант, банката да побара од него да го исплати целиот доспеан долг од жирантот кој не е способен да си ги отплаќа сопствените долгови.
– Најчесто има доверител и должник каде е јасно кој треба да ја плати паричната обврска. Не ретко во предметите има и солидарни должници, кои помеѓу граѓаните често се нарекуваат гарант, жирант, кокредитобарател. Тие одговараат солидарно за целата обврска и доверителот може да бара од секој поединечно или заедно да му ја платат долгуваната сума во целост. Доколку еден од должниците го исплати долгот, таа обврска престанува, па двајцата или доколку се повеќе, се ослободуваат од долгот, односно од обврската без оглед кој колку платил поединечно, вели за МИА извршителката Емилија Павловска од Штип.
Граѓаните, како што посочува Павловска, многу често не се свесни дека се должници се до моментот кога ќе добијат известување од извршител дека е потребно да подмират долг. Има случаи кога кај извршител доаѓа наплата за долг каде должникот во целост ги исполнувал своите обврски од кредитот, односно редовно плаќал, но поради финансиски проблеми на неговиот жирант, односно активирање на неговите кредити, се активира и долгот од другото лице.
– Како би се чувствувал секој од нас кога уредно ги плаќа обврските за кредит, а ќе биде известен од извршител дека е достасан долг за наплата во целост на кредит од десетици илјади евра поради тоа што вашиот жирант западнал во финансиски неволји и неговите долгови се стасани за наплата, вели Павловска.
Посочува дека има еден таков предмет во нејзината канцеларија, кога одеднаш должникот морал да го исплати долгот на жирантот, односно тој не сакајќи станува должник.
– За да се избегнат вакви проблеми, важно е да се размисли двапати пред да се гарантира за нечиј долг и да се осигура дека постои јасен договор и разбирање меѓу сите страни. Граѓаните кога се јавуваат пред нотар или во банка детално да се информираат што потпишуваат, за колкава обврска и за кое лице тоа го прават, вели Павловска.
Во контекст на тоа посочува дека при потпишувањето на договорите за кредит во сите одредби јасно и прецизно стои кои се условите за плаќање и дека доколку не се исплати долгот од главниот должник кон нив може да се спроведе извршување кон целокупниот движен и недвижен имот, како и на паричните средства со кои тие располагаат.
Методологија за управување со кредитниот ризик
Најзначајните барања за управувањето со кредитниот ризик коишто треба да ги следат банките, вклучително и постапувањето со т.н. нефункционални кредитни изложености се пропишани со Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик, којашто Советот на Народната банка ја донесе во февруари 2023 година, а почна да се применува од 1 јануари 2024 година.
– Точката 49 од оваа Одлука пропишува како банките треба да постапуваат во однос на заедничките кредитни изложености, дефинирани како изложеност кон два или повеќе кокредитобаратели коишто се подеднакво одговорни за извршување на обврските што произлегуваат од заедничката кредитна изложеност, велат од Народна банка.
Доколку оваа заедничка кредитна изложеност, како што посочуваат, ги исполни условите од Одлуката за да добие третман на нефункционална кредитна изложеност, банката е должна како нефункционални кредитни изложености да ги смета и другите кредитни изложености кон кокредитобарателите.
Исклучоци од ваквото правило
– Одлуката предвидува два исклучока од ваквото правило, доколку доцнењето во намирувањето на обврските врз основа на заедничката кредитна изложеност е резултат на судски спор меѓу клиентите или доколку заедничката кредитна изложеност има многу мало учество во вкупната изложеност на банката кон одделните клиенти – кокредитобаратели, истакнуваат од Народна банка.
Ваквите одредби на Одлуката, како што посочуваат од Народна банка, се усогласени со барањата и практиката на Европската Унија.
– Треба да се има предвид дека заради единствена и усогласена примена на одредбите на оваа Одлука, Народната банка објави прашања и одговори на својата интернет страница. Едно од тие прашања (тема I, прашање бр. 3) се однесува токму на тоа дали со дефиницијата за заедничка кредитна изложеност треба да бидат опфатени кокредитобарателите, жирантите и давателите на гаранции, нагласуваат од Народна банка.
Во одговорот, како што велат, експлицитно е наведено дека имајќи ја предвид дефиницијата, кокредотобарателите задолжително треба да бидат опфатени со овој термин, но не и жирантите, давателите на гаранции (со исклучок на давателите на солидарна гаранција, кога станува збор за гарант-платец) или давателите на друга форма на обезбедување на кредитната изложеност.
Стапката на нефункционалните кредити ниска во вкупното кредитно портфолио
Нефункционалните кредити најчесто се дефинираат како кредити кај коишто има доцнење во отплатите од страна на клиентот, што најчесто е одредено како доцнење од 90 дена и повеќе.
Од Народната банка велат дека во вкупното кредитно портфолио веќе подолг период стапката на нефункционалните кредити е ниска и се одржува на ниво од околу три отсто.
– На крајот на 2024 година, стапката на нефункционалните кредити за вкупното портфолио составено од нефинансиски клиенти се сведе на историско најниско ниво од 2,7 отсто, исто како и кај корпоративното портфолио каде оваа стапка се сведе на 2,8 отсто, нагласуваат од централната банка.
Учеството на нефункционалните кредити во портфолиото на кредити за населението, како што посочуваат, изнесува 2,5 отсто и е стабилно по одреденото зголемување во првите месеци од 2024 година кое се должеше на започнувањето со примена на регулаторните промени направени заради натамошно усогласување со европските регулативи и стандарди.
-Квалитетот на кредитното портофлио е добар и нема знаци за негово системско влошување поради што засега не предизвикува загриженост ниту претставува ризик за стабилноста на банкарскиот систем и за финансиската стабилност, оценуваат од Народната банка.