Крвна одмазда во БиХ – го убил убиецот на својот брат

Синоќа во Велика Кладуша во Босна и Херцеговина дошло до престрелка во која животот го загуби Асмир Халилагиќ (37), маж кој неодамна беше пуштен на привремена слобода од затворот Зеница.

Таму, како што пишува Аваз, ја отслужил казната за убиството на Хасан Граховиќ во јануари 2021 година. Граховиќ починал на 28-годишна возраст. Халилагиќ синоќа беше убиен од братот на Хасан Граховиќ, Изет Граховиќ (26).

Откако младиот човек беше убиен во 2021 година, Изет Граховиќ се подготвувла да се одмазди за смртта на својот брат. Халилагиќ беше ликвидиран како жртва на крвна одмазда, обичај кој сè уште не е искоренет, особено во руралните делови на БиХ.

Изет Граховиќ, како што пренесуваат медиумите кои се повикуваат на полициски извори, пукал во Халилагиќ од автомобилот и испукал неколку куршуми во него, а се укажува дека тој внимателно го испланирал убиството.

Бахрудин Џелалагиќ, портпарол на полицијата изјавил дека осомничениот за убиството мирно го чекал пристигнувањето на полициската патрола и го предал оружјето што го користел за да го изврши убиството.

Медиумите пишуваат дека Граховиќ бил тивок и повлечен човек без досие во полиција.