Крајнодесничарски партии во Романија поднесоа четири предлози за недоверба против владата на Болозан

Трите крајнодесничарски партии во романскиот Pарламент – Алијансa за обединување на Романците (АУР), Партијата на младите (ПОТ) и СОС Романија, заедно со независни пратеници, поднесоа четири предлози за изгласување недоверба на владата на премиерот Илие Боложан.

Трите крајнодесничарски партии во романскиот Pарламент – Алијансa за обединување на Романците (АУР), Партијата на младите (ПОТ) и СОС Романија, заедно со независни пратеници, поднесоа четири предлози за изгласување недоверба на владата на премиерот Илие Боложан.

Предлозите се однесуваат на четири од петте закони вклучени во вториот пакет буџетско-финансиски мерки, соопштија партиите во соопштение испратено до медиумите.

Според одлуката на постојаните канцеларии на Долниот дом и Сенатот, предлозите за недоверба ќе бидат презентирани денеска на пленарна седница во 11:00 часот по локално време, а дискусијата и гласањето се закажани за недела, 7 септември, во 13:00 часот.

АУР тврди дека мерките за строги финансиски заштеди биле усвоени без транспарентни дебати и консултации. „Оваа влада си го присвои правото да наметнува закони по сопствена волја, спротивно на демократската логика и поделбата на власта. Никогаш во историјата на европските демократии немало таква злоупотреба: преземање одговорност за пет големи проекти во еден ден, иако владејачката коалиција има мнозинство од над 70 проценти. Оваа пракса го лишува романскиот народ од основното право на застапеност“, велат од АУР.

Четирите предлози за недоверба се насочени кон економијата, државните компании, автономните институции и здравството. Според АУР, владата „ја уништува романската економија“ со мерки што ги задушуваат малите компании, додека мултинационалните корпорации добиваат поволности. Тие го критикуваат задржувањето на минималниот данок на промет, зголемувањето на данокот за берзански трансакции и воведувањето дополнителен данок за транспортерите, што, според нив, ги зголемува трошоците и ја намалува конкурентноста.

На 1 септември, романската влада презеде одговорност во парламентот за вториот пакет буџетско-финансиски мерки, чија цел е намалување на буџетскиот дефицит, кој лани достигна 9,3 проценти од БДП. Според член 114 од Уставот, законот се смета за усвоен во предложената форма доколку во рок од три дена не се поднесе предлог за недоверба. Ако предлогот за недоверба добие мнозинство, владата паѓа. Иако владејачката коалиција има удобно мнозинство, мерките за заштеди предизвикуваат тензии во општеството и меѓу четирите партии во владата.