Лидерот на Демократската партија на Косово (ПДК), Мемли Красниќи по состанокот што премиерот Албин Курти го свика со опозициските лидери по повод случувањата на северот од земјата, изјави дека не добил уверување оти Владата знае во кој правец да се движи за да ја задржи контролата врз ситуацијата создадена по излегувањето на Србите од косовските институции.
По завршувањето на состанокот, Красниќи пред медиумите изјави дека Владата ќе ја има поддршката на СВР за одржување на суверенитетот во општините на северот на државата, населени со мнозинско српско население.
– Не можам да речам дека излегов со некое цврсто уверување дека Владата знае во кој правец треба да се движи за да ја одржи ситуацијата под контрола. Го изразив ставот на ПДК дека во овој момент на Косово му требаат одговорни дејствија. Што се однесува до одржувањето на суверенитетот врз четирите северни општини, Владата треба да ги преземе потребните дејствија и за тоа ќе ја има поддршката на ПДК со сите можности што ги имаме, изјави Красниќи.
Според него, Косово е влезено во ситуација која можела да се избегне.
– Незрелоста во некои дејствија и недостигот на координација со главните сојузници на Косово се чини дека доведоа до моментум кој можеше да се избегне, изјави Красниќи.
На состанокот кај Курти присуствуваше и лидерот на Демократскиот сојуз на Косово, Љумир Абдиџику, додека оној на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај ја напушти средбата набргу по започнувањето и изјави дека премиерот држел “предавања“ и не објаснил „зошто ги расипа односите со Америка“.