Красниќи: На седницата на косовската и македонската влада да се разговара за апсењето на ветераните на ОВК

Во објава на неговата страница на Фејсбук, утрешната седница на владите на двете соседни држави Красниќи ја оцени како добар чекор за зајакнување на регионалната соработка, притоа додавајќи дека Косово треба да ја врати добрата традиција на седници со Владата на Албанија, која според него, се прекина откако сегашната косовска влада, предводена од Албин Курти, дојде на власт.

Лидерот на опозициската Демократска партија на Косово, Мемли Краниќи изјави дека на утрешната седница на владите на Косово и на Северна Македонија треба да се разговара за прашањето на апсењето на ветераните на Ослободителната војска на Косово од страна на соседната земја, како и за правата на Албанците таму, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на неговата страница на Фејсбук, утрешната седница на владите на двете соседни држави Красниќи ја оцени како добар чекор за зајакнување на регионалната соработка, притоа додавајќи дека Косово треба да ја врати добрата традиција на седници со Владата на Албанија, која според него, се прекина откако сегашната косовска влада, предводена од Албин Курти, дојде на власт.

– В понеделник, Владата на Косово ќе биде домаќин на заедничка седница со Владата на Северна Македонија, што е добар чекор за зајакнување на регионалната соработка. Сепак, пред секоја друга средба, Косово треба да ја врати добрата традиција на средби со Албанија, важна практика за меѓуалбанското единство и соработка, која е прекината во времето на актуелната влада на Албин Курти. Овие средби остануваат од витално значење за решавање на заедничките предизвици и јакнење на нашите културни, економски и политички врски, вели Красниќи.

Лидерот на најголемата опозициска партија во косовското Собрание нагласува дека апсењето на борците на ОВК и правата на Албанците во Северна Македонија, како „две клучни прашања“, воопшто не се на дневен ред на утрешната седница во Приштина.

– Што се однесува до седницата со Владата на Северна Македонија, има најмалку две клучни прашања кои треба сериозно да се решат, а кои воопшто не се на дневен ред. Прво, гонењето и апсењето на ветераните на ОВК во Северна Македонија, како што се случи оваа година, е неприфатливо и влијае на нашите меѓудржавни односи. Владата на Косово мора да инсистира ваквите случаи, кои се случуваат сега со новата влада во Северна Македонија, да не се повторат. Денес, ниту еден ветеран на ОВК не е безбеден да ја премине границата со Северна Македонија, поради ризикот државата да ги спроведе налозите за апсење на Србија против борците за слобода. Второ, основните права на Албанците во Северна Македонија, вклучително и употребата на албанскиот јазик, мора да бидат цврсто заштитени. Владата на Косово, особено албанските политичари кои се дел од Владата на Северна Македонија, мора да го кренат својот глас и да се обврзат дека употребата на албанскиот јазик нема да биде повредена од никој и никаде. Секој обид за кршење на овие права мора веднаш да престане, пишува Красниќи.

Тој вели дека, „додека овие итни прашања не се решат соодветно, другите точки од дневниот ред ризикуваат да бидат засенети од нерешените незадоволства на албанскиот народ во Северна Македонија“.

– Вистинската соработка бара чесен и проактивен пристап кон ваквите предизвици, со обезбедување дека достоинството и правата на сите граѓани се почитуваат и штитат без разлика. Во спротивно, никому не му се потребни заеднички собири за политичко шоу без содржина, порача Красниќи.