Кралот Чарлс: „Примив толку прекрасни пораки и желби за опоравување што ме доведоа до солзи“

Британскиот крал Чарлс Трети вчера за време на средбата со премиерот Риши Сунак изјави дека бил доведен до солзи од пораките за поддршка што ги добил откако му била дијагностицирана малигна болест.

„Добив толку многу прекрасни пораки и желби за опоравување што ме доведоа до солзи“, рече Чарлс за време на неговата редовна неделна средба со британскиот премиер, пренесува Ројтерс.

На почетокот на овој месец, кралската палата објави дека на кралот Чарлс Трети (75), по неполни 18 месеци на тронот на Велика Британија, му бил дијагностициран рак. Не е откриено за каков рак станува збор.

Премиерот Сунак вчера му порача дека има поддршка од сите Британци.
„Сите се со вас“, му рекол премиерот Сунак на британскиот крал.

Кралот Чарлс одржува редовни, неделни состаноци со премиерот на Велика Британија и повремено им дозволува на медиумите да ги снимаат првите моменти од тие средби.

Средбата со Сунак што се одржа вчера беше прва средба со британскиот премиер откако на Чарлс Трети му беше дијагностициран рак.