Кралот Чарлс ги избрка Меган и Хари од кралската резиденција во Британија

Принцот Хари и Меган Маркл, војводата и војвотката од Сасекс, потврдија дека кралот Чарлс ги избркал од кралската резиденција Фрогмор Котиџ во Виндзор, домот каде што била нивната адреса во Обединетото Кралство.

„Можеме да потврдиме дека војводата и војвотката од Сасекс се замолени да ја напуштат својата резиденција во Фрогмор Котиџ“, изјави нивниот портпарол за медиумите.

Омид Скоби, еден од авторите на биографијата на Хари и Меган, „Finding Freedom“, рече дека одлуката на кралот дошла откако Хари во јануари ги објавил своите контроверзни мемоари „Spare“.

Тој тврди дека на Хари и Меган им било кажано дека резиденцијата му треба на некој друг.

Односите меѓу кралското семејство и Хари и Меган, додава Скоби, се полоши од кога било.

„Оваа вест, како што ми пренесоа анонимни извори, ги остави Хари и Меган запрепастени, а најмалку двајца членови на кралското семејство се згрозени. Сето ова изгледа како конечна и како сурова казна“, му рекол пријател на парот на Скоби.

Британски медиуми пренесуваат дека Хари и Меган биле вчудоневидени од одлуката на кралот. Наводно, им било кажано да си ги земат своите работи од резиденцијата до лето, а претходно им кажале тоа да го сторат во рок од две недели.