Кралицата Елизабета е под медицински надзор

Кралицата Елизабета Втора (96) е под медицински надзор во Балморал, Шкотска, откако нејзиното здравје ги загрижи лекарите, соопштиј од Бакингемската палата.

По дополнителните прегледи утринава, лекарите се загрижени за здравјето на Нејзиното височество и препорачаа таа да остане под медицински надзор“, се вели во соопштението, пренесува Би-би-си.

Нејзиното потесно семејство е известено. Принцот од Велс и војвотката од Корнвол, Чарлс и Камила, отпатуваа во Балморал, кралската резиденција. Натаму патува и принцот Вилијам, а и Хари и Меган, војводата и војвотката од Сасекс, ќе отпатуваат за Шкотска, изјави портпаролот на двојката.

Сите деца на кралицата се или во Балморал или патуваат кон Балморал, вели кралскиот дописник за „Би-би-си“.

Соопштението доаѓа откако кралицата се повлече од виртуелниот Таен совет во средата и лекарите ѝ препорачаа да се одмори.

Премиерката Лиз Трас рече дека „целата земја е длабоко загрижена“ од веста.

„Моите мисли – и мислите на луѓето низ нашето Обединето Кралство – се со Нејзиното височество Кралицата и нејзиното семејство во овој момент“ – додаде таа.

Кралицата во вторникот ја назначи Трас за премиер во Балморал, наместо да отпатува за Лондон на настанот.