Кражба на кабли од трафостаница причина за проблеми со струјата во две државни институции. Два дена Агенцијата за храна и ветеринарство не функционира целосно, бидејќи од празниот објект до нив, кој е во сопственост на Агенцијата за национална безбедност, во средата крадци украле кабли и бакарни делови кои ги напојувале со електрична енергија соседните две згради и 120 вработени во АХВ наместо да работат, два дена средувале архива и пошта.
-Бидејќи немавме стабилно, односно никакво напојување со електрична енергија, вработените а и информативниот систем не беше во функција и немаше пристап овие два дена да ги користат информациите, изјави за „Сител“, Илија Георгиев, раководител на одделение.
Спроти АХВ е и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието, но од таму велат дека имале варијанти за напојувањето со струја и системите работеле.
Проблемот со трафостаницата е саниран, а во понеделник ќе се направи проверка за настанатата штета на електронските уреди во агенцијата по што ќе биде констатирано што ќе биде предадено во МВР како записник.
Објектот во сопственост на АНБ е празен со години. Нефункционалната зграда е обрасната со трева, има искршени прозорци и врати, навечер нема осветлување и обезбедување и има лесен пристап за крадци.
По овој случај, каде штетата е најверојатно само на опремата чија проценка ќе ја прават заедно со осигурителна компанија, Агенцијата за храна и ветеринарство размислува да воведе 24 часовно обезбедување.
-Ние сме кираџии овде, но мора да ги заштитиме и вработените и опремата оти никој не знае дали вакви настани можат повторно да се случат во иднина, вели Георгиев.
Случајот со кражбата бил пријавен во МВР уште во четвртокот и се работи на негово расчистување.
На 06.10.2022 во СВР Скопје е пријавено дека биле одземени бакарни делови од трафостаница во деловен објект на бул.Трета македонска бригада. Полициски службеници извршиле увид и се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.