Кравињо: Не очекувам повторно да се покрене билатералното прашање со Бугарија

На заедничка прес-конференцијата со Османи во Скопје, португалскиот министер истакна дека неговата земја ќе ја даде потребната политичка, техничка и друга поддршка во текот на преговарачкиот процес бидејќи, како што рече, пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ е значајно не само за земјава и регионот туку и за самата Унија.

Португалскиот министер за надворешни работи, Гомес Кравињо, не очекува во преговорите на Северна Македонија со ЕУ повторно да се покрене билатералното прашање со Бугарија.

На прес-конференција во Скопје со неговиот колега Бујар Османи, тој рече верува оти партнерите од ЕУ ќе го исполнат дадениот збор и потпишаниот документ. Со оглед дека и за време на португалското претседателство со ЕУ имаше предлог за надминување на спорот со Софија, кој во Скопје беше оценет како многу добар, на прашање во што е подобар францускиот предлог, Кравињо рече дека во политиката целта не е да се постигне сè, туку она што е возможно.

Тој истакна дека постигнатиот договор овозможува почнување на процесот на скрининг кој, потенцираше, е интензивен и има две фази. На прес-конференцијата со Османи тој истакна дека Португалија ќе ја даде потребната политичка, техничка и друга поддршка во текот на преговарачкиот процес бидејќи, како што рече, пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ е значајно не само за земјава и регионот туку и за самата Унија.

Можеме да го понудиме нашето искуство, рече Кравињо, но и нагласи дека двете земји во наредните месеци ќе се сконцентрираат на билатералните односи, кои се одлични во политиката, но не и во другите сфери. Исто така, како важно тој го истакна и претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година потенцирајќи дека тоа е голема задача со оглед оваа организација има важна улога за безбедноста во Европа.