Коњуфца: Нема да дозволиме Вучиќ преку банди да командува со Косово

Претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца денеска во Скопје оцени дека Србија со своите постапки во последните денови сака да го дестабилизира и подели Косово и затоа сака натамошна ескалација. На заедничката прес-конференција со претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, Коњуфца рече дека „регионот не е целосно имун на влијанието на Русија“ и дека „тоа е особено забележливо во последните денови во акциите на Србија во однос на Косово.

„Овие акции на Србија се неприфатливи и нивната цел е дестабилизација на државата Косово и поделба на државата Косово. Ние како народ стоиме заедно, обединети во осудувањето на овие постапки на Србија и одбраната на слободата и демократијата во Косово“, изјави Коњуфца.

Според неговите зборови, „Република Косово е посветена на дијалогот, за решавање на секое отворено прашање преку дијалог“ и „најостро го осудува јазикот на омраза, насилство и барикади што се прават намерно, со знаење на претседателот на Србија (Александер) Вучиќ“.

„Ние сакаме и добрососедски односи со Србија, но тоа не е нешто што ние одлучуваме. Ова е избор на Република Србија, а меѓународната јавност и ЕУ се свесни за овие постапки. Сите сме свесни дека нашите две земји ќе имаат нормализирани и вистински добрососедски односи само кога Република Србија меѓународно ќе ја признае Република Косово“, рече Коњуфца.

Во последниот месец, додаде тој, Косово презеде два чекори кои беа во целосна согласност со САД и ЕУ: постигнување договор за регистарските таблички на возилата и одложување на изборите на северот на Косово, а сега е на ред Србија да направи чекор.

„Од друга страна, Србија одговори со поддршка на експонентите на организираниот криминал на северот на Косово, кои преземаат чекори кои не се во согласност со нашите закони. Нема да дозволиме Вучиќ да командува со територијата на Косово преку овие банди“, рече Коњуфца.