Кој ќе ја наследи осомничената претседателка на Антикорупциска, Димитровска?

На последната седница на Комисијата пред одржувањето на локалните избори беше констатирано дека 10 од пријавените 12 кандидати за претседател на ДКСК ги исполнуваат условите. То се Весна Доревска, Владимир Наумоски, Антонио Санев, Бранко Смилевски, Валентина Тодоровска, Ненад Трифуновски, Благица Трошанска, Кимо Чавдар, Адем Чучуљ и Феузи Џафери. Како што е предвидено интервјуата ќе се одвиваат утре и во среда.

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата утре ќе започне со спроведување на интервјуата на пријавените кандидати по Одлуката за објавување на јавен оглас за избор на претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата. Постапката за избор на претседател на ДКСК продолжува по завршувањето на Локалните избори, а Собранието врши повторен избор на прв човек на антикорупциска по оставката на Татјана Димитровска, осомничена за вмешаност во случајот „Адитив“.

На последната седница на Комисијата пред одржувањето на локалните избори беше констатирано дека 10 од пријавените 12 кандидати за претседател на ДКСК ги исполнуваат условите. Тоа се Весна Доревска, Владимир Наумоски, Антонио Санев, Бранко Смилевски, Валентина Тодоровска, Ненад Трифуновски, Благица Трошанска, Кимо Чавдар, Адем Чучуљ и Феузи Џафери. Како што е предвидено интервјуата ќе се одвиваат утре и во среда.

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на 13 август формираше Комисијата за селекција на кандидати за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која согласно законот е составена од седум членови – Илбер Руфати, заменик Народен правобранител, Дарко Аврамовски, претставник на здружение односно фондација назначен за член на Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор за областа демократија, владеење на правото, односно членот во Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанското општество во областа владеење на правото и борба против корупција, Бардил Јашари, претставник на здружението односно фондацијата назначен за член во Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор за областа медиуми и информатичко општество и пратениците Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, Саранда Имери Стафаи од ВРЕДИ, Митко Трајчулески од СДСМ и Арбана Пашоли од Европскиот фронт.

Во рок од три дена од спроведувањето на интервјуто, Комисијата за селекција утврдува ранг-листа на кандидатите согласно со утврдените критериуми и ја доставува на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието, која во рок од два дена, најдобро рангираните кандидати му ги предлага на Собранието во единствена предлог листа за претседател и членови на ДКСК, со образложение за секој од предложените кандидати.

За претседател на Државната комисија може да биде именувано лице кое е македонски државјанин и има постојано место на живеење во земјава, да има деловна способност, да има високо образование со стекнати најмалку 300 ЕКТС или VII/1 степен на образование од областа на правните науки или високо образование со стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или VII/1 степен на образование од областа на политичките, комуниколошките или економските науки, да има најмалку десет години работно искуство по завршување на високото образование, од кои најмалку осум години работно искуство во областите на откривање или спречување корупцијата, владеење на правото или добро управување, да не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност, во последните десет години да не било пратеник во Собрание, член на Владата, да не било донатор на политичка партија или да не вршело функција во органи на политичка партија.