Мандатот на популарниот Борут Пахор, познат по прекарот „Инстаграм претседател“ привршува. Денес Словенците го избираат неговиот наследник. Една жена има добри изгледи, но нејзините противници не мируваат.
Повеќе од 10 години, Борут Пахор постојано беше на врвот во анкетите за најпопуларни политичари во Словенија. Станува збор за човек со богато политичко искуство: тој не беше само претседател на државата, туку и премиер, претседател на парламентот и европратеник.
Но, не го направи само искуството популарен кај избирачите: Пахор беше и еден од првите словенечки политичари кој стана влијателен на социјалните мрежи. На својот профил на Инстаграм тој редовно објавува фотографии од своите средби со познати личности – од кралицата Елизабета II и папата Франциско до супермоделот Наоми Кемпбел и словенечката кошаркарска ѕвезда Лука Дончиќ.
Всушност, Борут Пахор е толку активен на платформата за делење фотографии што Политико во 2017 година го прогласи за „Европски инстаграм претседател“.
„Досега кандидат од десницата никогаш не победил на претседателските избори во Словенија, што би можело да се припише и на фактот оти избирачкото тело во нашата земја е благо наклонето на лево“, вели во разговорот за ДВ, Мелита Роглиќ, словенечка политичка аналитичарка и новинарка од поратлот Н1инфо.
А, и политичкиот аналитичар Алијаж Пенгов Битенц е уверен дека Пирц Мусар има добри шанси да стане прва словенечка претседателка. Но, тој предупредува дека „предноста која таа ја има во однос на Логар би можела да се истопи ако излезеноста на избирачите биде ниска“.
Тој предупредува оти постои опасност од „умор на избирачите“ поради бројот на избори кои во кус рок се одржуваат во Словенија. Наредните месеци Словенците ќе гласаат и на три одделни референдуми и на локални избори во многу општини.